Одбележувањето на патрониот празник на Гимназијата се одвива секоја година преку традиционална прослава и оддавање почит на патронот на Гимназијата, Мирче Ацев.
Оваа година одбележувањето на патрониот празник се одвиваше на 5 јануари и започна со полагање на цвеќе на Могилата на непобедените, Алејата на народните херои во Паркот на револуцијата и на бистата на Мирче Ацев во училишниот двор.
Почит на херојот со полагање на цвеќе му оддадоа делегации од нашето училиште, од Локалната самоуправа, делегација од прилепската касарна „Мирче Ацев“, од Сојузот на борците и делегација од основните и средните училишта.
Истиот ден во рамките на чествувањето на патрониот празник во касарната „Мирче Ацев“, делегација од училиштето положи цвеќе на бистата на Мирче во кругот на касарната, а ученичките: Софија Ристеска, Софија Настоска, Софија Оџаклиеска и Лура Кајџаноска ја збогатија програмата со своите рецитации и музички изведби.
Исто така во чест на патронот, оваа година Гимназијата додели и плакети до Прилепската пиварница во знак на благодарност за несебичната материјална поддршка и соработка со Гимназијата која се развила и претходно, а ќе трае и во иднина.
Им благодариме на Сашо Самарџиоски и Панде Самарџиоска за несебичната поддршка и постојаната соработка со Гимназијата која води кон подобрување на училишниот живот.
Потоа, одбележувањето на патрониот празник продолжи со свечена академија во кино „Мис Стон“.
На академијата пред полна сала публика настапи гимназискиот хор со интонирање на химната, потоа следуваа обраќања од водителите, учениците: Леонид Гешоски и Деспина Аврамоска, директорката на гимназијата, проф. Снежана Спиркоска, како и Претседателката на Советот на Општина Прилеп, ѓ-ѓа Билјана Кржеска.
Потоа во духот на свеченоста и достоинството со кои го одбележуваме патрониот празник на Гимназијата „Мирче Ацев“, гимназискиот хор под диригентсво на проф. Татјана Иваноск ја изведе композицијата „Gaudeamus igitur“, симбол на младоста, знаењето и училишната традиција, а во чест на неговата непоколеблива борба и идеали што и денес остануваат врежани во нашата колективна меморија учениците: Марко Преспаноски, Ива Вандевска, Димитар Талимче и Софија Ристеска настапија со интерпретација на реферат за неговиот живот и дело.
Следуваше блок преку кој им се оддаде почит на настраданите младинци во трагедијата во Кочани. Хорот ја изведе песната „Ми заплакало селото Ваташа“, а стиховите од песната „Цветови“ ги оживеа со својата рецитација Софија Оџаклиеска, како тивок, но моќен глас на сеќавањето, болката. Ана Цветаноска ја нагласи болката на една мајка преку интерпетација на песната „Житие на Таса Бојаноска“, а Кирана Иваноска не раснежни со песната „Боже, чувај ја од зло“.
Потоа, следуваше настапот на ученикот Леонид Гешоски кој преку својот говор ни кажa зошто не треба да молчиме. А љубовта како круна на нашето постоење ја воспеaja: ученикот Илин Ристески преку рецитација на песната „Тажна песна“ и Софија Настоска преку вокалната интерпретација на песната „Тајно моја“.
Во средишниот дел на академијата беше воспеана надежта како човеков добродетел преку настапот на ученичката Мила Вршкоска која го изрази својот став за нашето постоење и дејствување во општеството преку нејзиниот говор, а ученичките: Стефани Петреска преку рецитација на песната „Младичот што спие на пладне“ и Миа Трајкоска преку вокална интерпретација на песната „Да е сон“, потсетија дека надежта последна умира.
Во завршниот дел на академијата настапи ученичката Ана Цветаноска со вокална интерпретација на песната „Оган под ѕвездите“, потоа ученичката Евгенија Димитриовска настапи со својот моќен говор со кој победи на ораторскиот натпревар и оваа вечер беше заокружена со Гимназиската химна во изведба на група ученици-вокални солисти.
Прославата по повот патрониот празник на училиштето заврши во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде беше отворена ликовната изложба, подготвена од нашите гимназијалци под менторство на професорката Гордица Д. Груевска, музички изведби на учениците: Кирил Младеноски, Софија Настоска, Ана Цветаноска, Леонид Гешоски и поранешниот гимназијалец Марко Цветаноски.
Организацијата на овогодинешното одбележување на патрониот празник беше на професорите Дарко Ристески, Христина Кочоска, Татјана Иваноска, Гордица Д. Груевска, со целосна поддршка од директорката на Гимназијата – Снежана Спиркоска.
Фотографија: Јована Стојаноска
Официјална веб страница на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Сите права ги задржува gimprilep.edu.mk
Copyright © 2010 - 2026