МК | EN | FR | DE
На 20.08.2024 во просториите на Гимназијата се одржа церемонија на свечено доделување на дипломи на матурантите од генерацијата 2020 - 2024.
Во присуство на градоначалникот на Прилеп, г-дин Борче Јовчески, родители, наставници и други гости, беа доделени дипломи на 205 матуранти.
На почетокот со пригодни зборови се обрати директорката Весна Михаиловска која од нејзино име и од името на цел колектив, на матурантите им посака успешно патување низ животот.
Градоначалникот г-дин Борче Јовчески ги поздрави матурантите, им посака успех во понатамошното образование и во животот, а потоа ги додели плакетите на првенците на генерација Иван Јованоски и Никола Бонески.
Иван и Никола им се заблагодарија на соучениците за поддршката и другарството а на наставниците за знаењето кое им го пренеле и за грижата и заложбите да успеваaт на натпреварите и да освојуваат награди.
Од името на класните раководители на четврта година, кратко излагање имаше професорката Емона Јованоска која честитајќи им на учениците, низ неколку реченици опиша низ што сè поминуваат класните раководители четири години водејќи ги учениците од нивното прво влегување во училницата до доделувањето на дипломата.
Потоа следуваше чинот на доделување на дипломите.
Класните раководители ги испратија своите ученици со дипломи во рацете, стекнато знаење, средношколско животно искуство, спомени и насмевки.
Испративме уште една генерација матуранти, но секогаш ќе бидеме тука да се радуваме на нивните животни успеси.
Сите права се задржани. СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Copyright © 2010 - 2025
www.gimprilep.edu.mk. All rights reserved.