
Во оваа статија ќе се запознаеме со Куба, држава со сосема поинаква култура од онаа на која сме навикнати и од културите кои сме ги гледале по филмовите. Со текст и слики ќе ве одведеме на патување низ нејзините улици, музика и начин на живеење.
Леонида Илијоска и Илин Ристески ќе ве запознаат со Куба низ разговор со Кјара Кондоска која имаше можност да ја посети Куба и да доживее едно незаборавно искуство. Нејзините сеќавања ја сликаат Куба онака како што ја доживеала ... Не Куба од книгите, интернетот и телевизијата, туку Куба со бои, мириси, вкусови, звуци и чувства кои вечно се паметат.
Улиците на Куба - место каде што историјата оживува
„Првото нешто што те погодува кога ќе зачекориш низ улиците на Куба е нивната живост“ раскажува Кјара. „Старите автомобили, уличните музичари, обоените фасади – сè изгледа како сцена од филм, но со многу повеќе енергија.“ Најмногу ѝ оставила впечаток старата Хавана – La Habana Vieja, кварт со калдрмени улички и историски згради. „Чувството е како да патуваш низ времето. Секој агол раскажува приказна. Луѓето на улиците се дружељубиви, постојано зборуваат и се смеат, а децата си играат безгрижно.“

Архитектура – Замрзната во времето
Куба е позната по својата колонијална архитектура, која доминира во градовите. „Кога шеташ низ Хавана, гледаш прекрасни стари згради со фасади кои се ронат, но сè уште носат карактер и убавина. Контрастот со комунистичките градби додава дополнителна димензија на оваа архитектонска приказна.“ Некои згради се реновирани, особено во централните делови, но многу остануваат во нивната оригинална состојба, давајќи ѝ на Куба уникатен изглед. „Плоштадот на Револуцијата беше едно од местата што најмногу ме воодушеви – монументално, историско и исполнето со симболика,“ додава Кјара.

Музиката – Срцето на Куба
Музиката е неизоставен дел од кубанскиот живот. „Првото мое искуство со кубанската музика беше на еден плоштад во Хавана, каде што група музичари свиреа во живо. Ритамот беше толку заразен што никој не можеше да остане рамнодушен.“ Таму, сон музиката и салсата се начин на живот, а луѓето имаат неверојатна способност да се движат во ритамот. „Дури и оние што само поминуваат низ улицата спонтано почнуваат да танцуваат. Тоа е дел од нивната култура.“ Кубанскиот начин на живот „Најголемиот впечаток ми остави тоа што луѓето во Куба изгледаат среќни, иако немаат многу материјални богатства. Тие знаат да уживаат во моментот, да се дружат и да ги споделуваат радостите на животот.“

Кјара забележала и некои интересни традиции, како користењето на старите американски автомобили како такси, што на прв поглед изгледа хаотично, но совршено функционира.

Вкусовите на Куба – Гастрономско Патување
Кубанската кујна е едноставна, но богата со автентични вкусови. „Да, пробав неколку традиционални јадења! Најмногу ми се допаднаа tostones (двојно пржени зелени банани), традиционалните благи триаголници, но и свежото овошје како папаја, ананас, зелени банани и манго,“ вели Кјара.


Уличната храна во Куба обично е многу евтина и се продава во мали киосци. Поради ограничените ресурси, опциите не се секогаш разновидни – често може да најдете сендвичи со сирење или пица со минимални состојки, но токму тоа го прави вкусот автентичен и незаборавен.
Arroz con Mariscos – Кубанска Паеља
„Едно од највкусните јадења што ги пробав беше Arroz con Mariscos – Кубанската верзија на паеља!“ Оризот се готви со ракчиња, лигњи, школки и понекогаш риба, во богат бујон со домати, пиперки, лук и зачини. Овој специјалитет е совршен спој на шпанското и карипското кулинарство, создавајќи јадење полно со вкус и арома, кое совршено ја отсликува енергијата на Куба.

Кафето – Кубанскиот Еликсир
Кубанското кафе е вистински ритуал. „Тоа е силно, густо и слатко – најчесто се служи како cafecito, со малку еспресо измешано со шеќер додека се вари, што му дава кремаста текстура,“ раскажува Кјара. Според неа, вкусот е многу поразличен од европското кафе – потсетува на италијанското еспресо, но е уште поблаго и подебело поради шеќерот. За оние што сакаат поблага варијанта, café con leche (кафе со млеко) е исто така популарен избор.
А ако треба да го опише кубанскиот дух со три збора, Кјара без двоумење вели:„Страст, ритам, издржливост. Куба не е само дестинација – таа е чувство. Енергија што се впива преку боите, звуците и насмевките на луѓето. Еднаш кога ќе ја доживееш, засекогаш останува во срцето“
Се надеваме дека уживавте, но се разбира и научивте нешто ново!

Леонида Илијоска, Кјара Кондоска и Илин Ристески
- автори на статијата -
Официјална веб страница на СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ Прилеп
Сите права ги задржува gimprilep.edu.mk
Copyright © 2010 - 2026