Само убаво напишаните зборови се оние кои можат да допрат длабоко до срцето и душата на читателот. Се надеваме дека приказната од прекрасната книга чија промоција се одржа на 1ви март во Националниот ресторан – „Македонска Куќа“ ќе допре до вашите срца. Автор на романот чие име е „ТИ И ЈАС“ е ученикот Илчо Талески од III-7. Во продолжение можете да го прочитате интервјуто кое го направивме со Илчо...

1. Од кога се занимаваш со пишување?
- Можам да кажам дека уште од мал ми било занимација да составувам по некоја реченица, а понекогаш и некој стих, но она прво творење, пред сѐ поезија, колку што се сеќавам, беше во основно. Како што и повеќето знаат, ова е мој прв обид за создавање нешто поголемо.
2. За што се работи во романот?
- Пред сѐ, како што и насловот укажува, пишував за љубовта. Но тоа не значи дека животните судири се изоставени. Напротив, со љубовните проблеми на главните се испреплетуваат пропаднатите животи на споредните ликови.
3. Која беше инспирацијата за да го напишеш романот?
- Во најголема мера, љубовта. Можеби затоа што е универзална тема, но не ги исклучувам и животните искуства. На крајот на краиштата, животот е тој што ти ја дава љубовта, било каква.
4. Колку време ти беше потребно за да го завршиш?
- Во моментот кога почна да ми се раѓа идејата за романот, сите мисли почнав да ги запишувам, па дури и тие што не се најдоа на страниците во книгата. Од тогаш до записот на последната реченица има околу една година, ако не се лажам. Но сигурен сум дека пишувањето на компјутер ми одзеде осум месеци.
5. Кој помогна за печатењето на твојот роман?
- Благодарение на финансиската поддршка од прилепската Гимназија, романот успеа да биде испечатен. Голема благодарност и до директорот, Кире Николоски, што се погрижи за тоа да биде така. Што се однесува до промоцијата, најголема заслуга има сопственикот на Националниот Ресторан – Македонска Куќа, Кирил Илијовски.
6. Што следно да очекуваат читателите?
- Имајќи во предвид дека досегашните читатели на романот посакуваат некоја информација повеќе во врска со крајот, размислувам некој епилог да вметнам во една од наредните книги, макар што тоа и не е сигурно. Она што е сигурно е дека ќе има и втора книга. Ако не оваа, наредната година, секако. Нејзините почетни страни се веќе испишани.
7. Кои се твоите планови за во иднина?
- Не планирам во иднина да се откажам од ова хоби, бидејќи пишувањето на некој начин ме смирува. Сѐ она што не можам да го искажам со говорење, го запишувам. Каде и да продолжам понатаму, творењето секогаш ќе остане дел од мене.
8. Што би им препорачал на оние кои сакаат и кои пишуваат?
- Само едно нешто имам да им кажам: Ако сакаат, секако да пишуваат и доколку пишуваат, да го прават тоа со љубов. Бидејќи Хотман рекол: „Книгите се опасни, и треба да бидат опасни. Содржат идеи“
9. Ти благодарам за одговорите и ти посакувам да бидеш успешен писател кој и понатаму ќе пишува вакви прекрасни романи кои ќе ги пленат срцата на читателите !
- Ти благодарам за убавите зборови, се надевам дека нема да ги разочарам очекувањата на читателите.
Интервјуто го водеше Елена Ѓорѓиовска III-1 клас
02.03.2015
- Календар на неработни денови во 2017 година
- Заштита на личните податоци